Граѓаните да ги ажурираат податоците за „Безбеден град“ на шалтерот во МТВ или во станиците за технички преглед
МВР ги повикува граѓаните да ги ажурираат контакт-податоците за системот „Безбеден град“ на посебниот шалтер во МТВ или во станиците за технички преглед низ државата.
Министерството за внатрешни работи ги повикува граѓаните да ги ажурираат своите контакт-податоци поврзани со системот „Безбеден град“, со цел навремено и точно да добиваат известувања за евентуални сообраќајни прекршоци.
Од МВР информираат дека за таа намена е отворен посебен шалтер во Одделот за граѓански работи, кој се наоѓа во зградата на Македонската телевизија (МТВ) во Скопје, на приземје. Шалтерот работи секој работен ден од 08:00 до 17:00 часот, каде граѓаните можат да поднесат барање за промена или корекција на контакт-податоците што ги доставиле при регистрација на возилото.
Ажурирањето на податоците е потребно доколку има промена на телефонски број, адреса или други информации, како и во случаи кога граѓаните добиле известување со неточни податоци.
Истата постапка може да се заврши и во станиците за технички преглед на возила низ државата, каде што е распореден деташиран референт на МВР, што дополнително ја олеснува достапноста на услугата за сите граѓани.
Од Министерството нагласуваат дека со отворањето на овој шалтер уште еднаш ја потврдуваат својата заложба за транспарентност, ефикасност и подобрување на комуникацијата со граѓаните, како и за унапредување на безбедноста во сообраќајот преку системот „Безбеден град“.
МВР апелира граѓаните навремено да ги проверат и ажурираат своите податоци за да се избегнат недоразбирања и погрешни известувања во иднина.









