Голмански кикс што влезе во историја: Најбизарниот гол сезонава

Бизарен голмански кикс на натпреварот Астон Вила – Нотингем Форест предизвика лавина реакции. Дали ова е најглупиот гол на годината во Премиер лигата?

Фудбалерите на Астон Вила експресно се рехабилитираа од тешкиот пораз во дербито од Арсенал и пред својата публика во Бирмингем одиграа моќен натпревар против Нотингем Форест, славејќи со убедливи 3:1 (1:0). Со оваа победа, тимот на Унаи Емери остана во сериозна трка за шампионската титула, приближувајќи се на само три бода зад лидерот во Премиер лигата.

Домашниот тим трпеливо ја кршеше одбраната на „Шумарите“ цело прво полувреме, а отпорот конечно беше скршен преку одличната соработка меѓу Морган Роџерс и Оли Воткинс, кои во финишот од првиот дел донесоа заслужено водство од 1:0.

Веднаш по паузата, Астон Вила го засили темпото и брзо стигна до втор погодок. Одбраната на Нотингем повторно попушти, а Џон Мекгин беше прецизен за 2:0. Иако гостите накратко се вратија во игра со голот на Гибс-Вајт во 61. минута, она што следеше целосно го засени натпреварот.

„Најглупиот“ гол на годината?

Во обид што и денес предизвикува неверување, голманот на Нотингем, Џон Виктор, направи катастрофална проценка. Тој излета дури 40 метри од својот гол, уверен дека ќе ја стигне топката пред Мекгин. Наместо тоа, остана во празно, а играчот на Вила лесно го заобиколи и постигна еден од најбизарните голови сезонава во Премиер лигата.

Сцената веднаш стана вирална, а навивачите и аналитичарите веќе ја нарекуваат сериозен кандидат за „најглупиот гол на годината“, поради несфатливата одлука на голманот.

Со оваа победа, Астон Вила се искачи на второто место на табелата со 42 бодa, продолжувајќи да сонува за историски шампионски успех. Од друга страна, Нотингем Форест останува во сериозни проблеми, веднаш над зоната за испаѓање, со само 18 освоени бодови и очигледни дефанзивни слабости.