Годишнина од трагедијата во „Пулс“: Литургија и парастос во Кочани, конференција во Скопје
Денеска ќе се одбележи една година од трагедијата во дискотеката Пулс, во која на 16 март 2025 година загинаа 63 лица, а повеќе од 200 беа повредени.
По тој повод, во Кочани се планирани повеќе настани во организација на семејствата на загинатите, Општина Кочани и Владата на Северна Македонија.
Во градот ќе се одржи литургија, по што ќе следува и парастос за упокоените. Верскиот обред ќе започне во храмот Св. Георгиј Победоносец, од каде родителите и семејствата на загинатите ќе се упатат кон гробиштата за да им оддадат почит на своите најблиски.
Паралелно со настаните во Кочани, во Скопје ќе се одржи и меѓународна конференција посветена на институционалните и клиничките аспекти на справување со последиците од пожарот во дискотеката.
На конференцијата се очекува учество на експерти и претставници од институции кои ќе дискутираат за искуствата, лекциите и мерките што треба да се преземат за спречување на вакви трагедии во иднина.
Трагедијата во дискотеката „Пулс“ остана една од најтешките несреќи во поновата историја на земјата и остави длабока трага во јавноста.


