Ѓаволот носи Прада 2 го урна рекордот во 2025

Тизерот за „Ѓаволот носи Прада 2“ стана најгледан филмски трејлер во 2025 година со рекордни 181 милион прегледи.

Тизерот за филмот „Ѓаволот носи Прада 2“ официјално го освои врвот како најгледан филмски трејлер во 2025 година, поставувајќи нов рекорд во дигиталната дистрибуција на филмски содржини. Според анализите на Forbes, едноминутниот тизер, кој беше премиерно прикажан минатиот месец, забележа најголем број прегледи од сите трејлери објавени годинава.

Продолжението на култната комедија од 2006 година, во кое повторно се обединуваат Мерил Стрип и Ен Хатавеј, оствари 181 милион прегледи во првите 24 часа по објавувањето. Податоците на аналитичката компанија WaveMetrix покажуваат дека станува збор за најголемо отворање досега за трејлер на комедија.

На второто и третото место се најдоа две играни адаптации на Дизни. Раните снимки од римејкот на „Моана“, чија премиера е најавена за 2026 година, собраа 161 милион прегледи во првиот ден, додека трејлерот за „Лило и Стич“ достигна 149 милиони прегледи во истиот период.

Во листата на најгледани трејлери доминираат продолженија и римејкови, а исклучок претставува биографскиот филм „Мајкл“, посветен на животот на Мајкл Џексон. Филмот, во кој главната улога ја толкува неговиот внук, се најде на осмото место и е единствениот проект што не е базиран на постоечка франшиза.

Филмот „Ѓаволот носи Прада 2“, кој во кината ќе се прикажува од 1 мај 2026 година, ја враќа Мерил Стрип во улогата на легендарната Миранда Пристли. Во продолжението повторно ќе настапат Ен Хатавеј, Емили Блант и Стенли Тучи, а на актерската екипа ѝ се приклучува и Кенет Брана, кој ќе го игра сопругот на Миранда.

Проектот повторно ги обединува режисерот Дејвид Франкел и сценаристката Алин Брош Мекена, креативниот тандем заслужен за успехот на првиот филм.

Оригиналниот „Ѓаволот носи Прада“ заработи 326 милиони долари на светско ниво и со текот на годините изгради силна и лојална публика преку домашни изданија и стриминг-платформи. Според досегашниот интерес, аналитичарите очекуваат продолжението да ги надмине тие резултати.

Најгледани кино трејлери во 2025 година:

  1. „Ѓаволот носи Прада 2“ — 181,5 милиони
  2. „Моана“ (2026) — 161,2 милиони
  3. „Лило и Стич“ (2025) — 149,4 милиони
  4. „Фантастична четворка: Први чекори“ — 144,1 милиони
  5. „Приказна за играчките 5“ — 133,6 милиони
  6. „Аватар: Оган и пепел“ — 127,6 милиони
  7. „Зоотопија 2“ — 125,6 милиони
  8. „Одисеја“ — 121,4 милиони
  9. „Мајкл“ — 113,9 милиони
  10. „Злобен: За добро“ — 113 милиони