Филков ги прозва обвинителите и судијата поради мерката за Груби: „Не може притворот да важи за едни, а не за други“
Министерот за правда Игор Филков јавно ги прозва обвинителите и судијата поради одлуката за куќен притвор на Артан Груби, оценувајќи дека не смее да има селективна правда.
Министерот за правда Игор Филков денеска на прес-конференција остро реагираше на одлуката за замена на притвор со куќен притвор за поранешниот функционер Артан Груби, посочувајќи дека не може притворот да биде правило за „обични луѓе“, а исклучок за високи функционери.
Филков истакна дека досега, почитувајќи го принципот на поделба на власта, не коментирал конкретни судски и обвинителски одлуки, но дека во овој случај станува збор за сериозен тест за правниот систем.
„Станува збор за лице осомничено за проневера од над осум милиони евра, кое 14 месеци било во бегство, при што ризикот од бегство бил утврден и остварен. За помалку од еден ден таа мерка се заменува со куќен притвор. Ова не е само процесна одлука, туку тест за целиот систем“, рече министерот.
Тој јавно ги повика да дадат објаснување јавниот обвинител Даниел Коцев, раководителот на обвинителството Анел Фидоски, како и судијата на претходна постапка при Основниот кривичен суд Скопје, Марин Станевски, да образложат врз основа на кои факти и аргументи е донесена одлуката.
Според Филков, секоја поблага мерка во случај кога постои утврден ризик од бегство мора да биде „кристално јасна и правно неоспорлива“, во спротивно се создава впечаток на селективност.
„Не може за обичен граѓанин притворот да биде автоматизам, а за поранешни високи функционери исклучок. Ако постои закана, државата има механизми да обезбеди безбедност и во рамки на притворскиот систем“, нагласи тој.
Министерот ги повика и Судски совет на Република Северна Македонија и Совет на јавни обвинители на Република Северна Македонија итно да свикаат седница и да утврдат дали има одговорност кај судијата и обвинителот.
Дополнително, информираше дека побарал објаснување од директорот на Затвор Скопје и дека ќе иницира вонреден надзор во затворите низ државата во однос на безбедносната состојба.
„Залудно носиме закони ако не се спроведуваат, залудно менуваме регулативи ако важат селективно. Ова не е прашање на политика, туку на принцип – еднаквост пред законот“, порача Филков.









