Експлозии одекнуваат низ Русија: Белгород во мрак, погоден и клучниот нафтен центар

Ноќни експлозии го погодија Белгород и други руски градови, со прекини на струја и напади врз енергетска и нафтена инфраструктура, вклучувајќи клучна пумпна станица.

Експлозии се пријавени ноќеска во рускиот град Белгород, каде што, според локалните власти, ракетен напад од поголем обем предизвикал значителна штета врз инфраструктурата. Гувернерот Вјачеслав Гладков изјави дека поради оштетувањата на енергетските постројки има прекини во снабдувањето со струја, вода и греење, пренесе Kyiv Independent.

Снимки што кружат на социјалните мрежи прикажуваат повеќе експлозии низ градот, додека очевидци наведуваат дека големи делови од Белгород останале во целосен мрак, осветлени само од фаровите на автомобилите. Според Гладков, оштетени се станбени згради, еден јавен објект и неколку приватни куќи, а службите за итни случаи интервенираат на терен. Обемот на штетата допрва ќе се проценува.

Регионалните власти пријавија и напади со дронови во околината, при што е оштетена опрема во индустриски објект и е повредена жена, која е пренесена во болница со повреди од експлозија и шрапнели.


Покрај Белгород, жители на градовите Саратов и Енгелс исто така известија дека слушнале повеќекратни експлозии во текот на ноќта, според независниот руски Телеграм-канал „Астра“. Одделно, жители на Алметјевск во Татарстан пријавија експлозии и пожар, но засега нема официјални детали за инцидентите.

Според Телеграм-каналот Exilenova+, наводно била нападната и нафтната пумпна станица Калеикино во Татарстан. Објектот припаѓа на Транснефт и претставува едно од главните чворишта во рускиот систем на магистрални нафтоводи, клучно за транспортот на нафта низ земјата.


Украинската армија засега не ги коментираше наводните напади, а информациите не можат независно да се потврдат. Во септември, украинскиот претседател Володимир Зеленски предупреди дека Украина ќе возврати врз енергетскиот сектор на Русија доколку Москва продолжи да ја напаѓа електроенергетската мрежа на Киев.

Во последните недели Русија ги засили нападите врз енергетската инфраструктура на Украина, целејќи ја електричната мрежа, гасните постројки и системите за греење, во услови на ниски температури.