Една година од трагедијата во „Пулс“ во Кочани
Со свеќи, тишина и минута молк, Кочани одбележа една година од трагедијата во дискотеката „Пулс“. Во пожарот што избувна на 16 март 2025 година загинаа 63 лица, а повеќе од 200 беа повредени. Граѓани, семејства на жртвите и државни претставници оддадоа почит на настраданите.
Кочани се сеќава на жртвите од трагичниот пожар
Градот Кочани денеска се потсети на една од најтешките трагедии во поновата историја на државата – пожарот во дискотеката Пулс, во кој животот го загубија 63 лица, а над 200 беа повредени.
Годишнината беше одбележана со комеморативен собир во раните утрински часови, кога граѓаните, семејствата на жртвите и бројни делегации се собраа за да оддадат почит на настраданите.
Симболичен собир во 2:15 часот
Комеморацијата започна во 2:15 часот пред објектот каде што се наоѓаше дискотеката, во организација на здружението Здружението „16 март 2025 Кочани“.
Точно во 2:32 часот – моментот кога избувнал пожарот што ја потресе целата земја – присутните со запалени свеќи и едноминутен молк им оддадоа почит на жртвите.
„Нека светлината сведочи дека не забораваме. Нека тишината зборува за љубовта што останува“, порачаа организаторите на комеморацијата.
63 столчиња со бели рози во Паркот на револуцијата
Во центарот на градот, во Паркот на револуцијата, беа поставени 63 бели столчиња – симбол на секој загубен живот. На секое од нив имаше бела роза и име со годината на раѓање на жртвите од трагедијата.
Спроти столчињата седеа родителите и најблиските на загинатите, во тишина и со погледи насочени кон имињата на своите деца.
Просторот беше осветлен со рефлектори и украсен со цвеќиња и срца на кои беа испишани имињата на младите што ги загубија животите во пожарот или подоцна од последиците од повредите.
Почит од државниот врв и дипломатскиот кор
На комеморацијата присуствуваа и бројни официјални делегации, амбасади и претставници на институциите. Меѓу нив беа претседателката Гордана Сиљановска-Давкова, премиерот Христијан Мицкоски и градоначалникот на Кочани Владко Грозданов.
Тие се потпишаа во книгата на жалост и им оддадоа почит на загинатите.
Трагедија што ја потресе целата држава
Пожарот во дискотеката „Пулс“ останува една од најтешките трагедии во поновата историја на Северна Македонија. Настанот предизвика силен јавен шок и отвори прашања за безбедносните стандарди и контролите во угостителските објекти.
Една година подоцна, Кочани и целата држава сè уште се сеќаваат на младите животи што прерано згаснаа, а пораката од комеморацијата останува јасна – трагедијата не смее да биде заборавена.










