Дурмиши: Реформите носат нови инвестиции и работни места
Министерството за економија и труд во изминатите две години спроведе низа економски и законски реформи насочени кон подобрување на животниот стандард, зголемување на вработеноста и создавање подобри услови за развој на домашната економија, порача министерот за економија и труд Бесар Дурмиши на денешната прес-конференција, на која беше претставен отчетот за досегашната работа.
Според министерот, и покрај глобалните економски предизвици, нарушените синџири на снабдување и геополитичките случувања, институциите реагирале со конкретни мерки чија цел била стабилизирање на пазарот, поддршка на компаниите и заштита на семејните буџети.
Мерки за стабилизација на цените и заштита на граѓаните
Во своето обраќање Дурмиши истакна дека Министерството презело повеќе активности за ублажување на последиците од економската нестабилност, меѓу кои ограничување на трговските маржи и воведување потрошувачки кошнички.
Како што нагласи, овие мерки биле насочени кон спречување на неоправдан раст на цените и намалување на притисокот врз домашните буџети.
Паралелно со краткорочните интервенции, Владата, според него, работи и на долгорочна стабилизација на пазарот преку координација со производителите, трговците, стопанските комори и останатите надлежни институции, со цел навремено препознавање на ризиците и обезбедување попредвидлива економска средина.
Над две милијарди денари реализирани за активни мерки за вработување
Посебен акцент беше ставен на политиките за вработување. Министерот информираше дека успешно се реализирани Оперативните планови за вработување за 2024, 2025 и 2026 година.
Само во текот на 2025 година за активните мерки биле обезбедени повеќе од 2,5 милијарди денари, од кои биле реализирани над две милијарди денари. Најголем интерес, според Министерството, имало за програмите за самовработување, практикантство, преквалификација и отворање нови работни места.
Како еден од најзначајните резултати беше издвоена и реализацијата на Гаранцијата за млади, преку која 26.636 млади лица излегле од евиденцијата на невработени преку вработување, продолжување на образованието или вклучување во активни мерки.
За 2026 година, пак, преку новиот Оперативен план се обезбедени 2,41 милијарди денари, со кои е предвидено да бидат опфатени 10.352 граѓани. Поддршката ќе се реализира преку грантови за самовработување, отворање нови компании, субвенционирано вработување, практикантство, обуки за дефицитарни занимања, мерки за лица со попреченост и младински додаток.
Повеќе од 20 законски измени во областа на трудот
Во делот на трудовото законодавство, министерот посочи дека се донесени или изменети повеќе од 20 законски решенија.
Меѓу позначајните чекори ги издвои реактивирањето на Економско-социјалниот совет, повторното функционирање на Комисијата за утврдување репрезентативност и измените со кои прагот за репрезентативност на синдикатите е намален од 10 на 5 проценти.
Според него, овие промени придонеле за повторно воспоставување на функционален социјален дијалог меѓу Владата, синдикатите и работодавачите.
Поддршка за компаниите и нови инвестиции
Министерството информираше и за активностите поврзани со подобрување на деловното окружување и спроведувањето на Реформската агенда.
Во рамките на тие активности се оптимизирани 28 парафискални давачки, мапирани се 100 административни постапки што ќе бидат поедноставени и дигитализирани, а изготвена е и Националната стратегија за развој на малите и средните претпријатија за периодот 2025–2030 година.
Дополнително, Министерството ги презело надлежностите за финансиска поддршка на инвестициите, при што во Буџетот за 2026 година се обезбедени 1,23 милијарди денари за компании кои инвестираат, отвораат нови работни места и создаваат додадена вредност.
Како пример за позитивни резултати беше посочена Технолошко-индустриската развојна зона во Тетово, каде компаниите во текот на 2025 година реализирале производство вредно повеќе од 6,4 милијарди денари и извоз од речиси 8,9 милијарди денари, при што вработуваат 1.845 лица.
Воедно беше најавена и нова инвестиција на компанијата CAVO Otomotiv, вредна 21 милион евра, која според најавите треба да отвори околу 550 нови работни места.

Продолжуваат реформите и евроинтеграциските активности
Министерот истакна дека Министерството паралелно работи и на исполнување на реформските обврски поврзани со европската интеграција преку реализација на ИПА-проекти, усогласување на законодавството со европските стандарди, јакнење на конкурентноста на стопанството и развој на човечкиот капитал.
Тој оцени дека, иако остануваат бројни економски предизвици, досегашните реформи претставуваат основа за создавање поконкурентна и поотпорна економија, со фокус на привлекување нови инвестиции, отворање работни места, развој на домашните компании и подобрување на животниот стандард на граѓаните.

