Dubai Chocolate и војната во Иран го притискаат глобалниот пазар
Цените на фстаците нагло растат на светскиот пазар, под влијание на геополитички тензии и неочекуван гастрономски тренд. Војната во Иран, една од клучните земји производители, сериозно го наруши извозот, додека растечката популарност на „Dubai Chocolate“ дополнително ја засили побарувачката.
Оваа комбинација создава притисок врз пазарот кој веќе се одразува врз цените и синџирите за снабдување со прехрамбени продукти. Ова се резултати за цените на пазарот во последните години според податоците на Expana. Цената на фстаците во Март 2026-та година достигнала околу 4,57 долари за фунта (приближно 10 долари за килограм), што претставува највисоко ниво од 2018-та година наваму.
И пред ескалацијата на конфликтот, пазарот беше под притисок поради послаби жетви во САД, Турција и Иран. Долготрајната суша во овие региони дополнително го намали производството и ја ограничи достапноста на суровината.

„Dubai Chocolate“ како неочекуван двигател на побарувачката
Еден од клучните фактори за актуелниот скок е популарноста на „Dubai Chocolate“ – чоколадо полнето со крем од фстаци и крцкаво тесто, кое стана вирално на социјалните мрежи во 2023 година.
Она што започна како регионален гастрономски тренд, брзо се претвори во глобална побарувачка, особено во премиум сегментот на слаткарската индустрија, каде фстаците се една од главните состојки.

Нарушени логистички рути и поскап транспорт
Конфликтот во Иран има директно влијание и врз логистиката. Земјата учествува со околу една петтина од светското производство на фстаци, а нејзиниот извоз е силно зависен од ограничен број пристаништа.
Клучната извозна рута преку пристаништето Бандар Абас е делумно нарушена, што ги принудува трговците да користат алтернативни и поскапи правци преку Мерсин, Суецкиот канал или железнички коридори кон Азија.
Дополнително, дел од бродските линии се пренасочуваат или се откажуваат, што резултира со доцнења во испораките и значително повисоки транспортни трошоци.
Пазар под зголемена неизвесност
Трговците предупредуваат дека нестабилноста може да продолжи. Според Бехнам Хејдарипур од Borna Foods, комуникацијата со добавувачите е отежната, делумно и поради прекини во интернет пристапот во Иран.
Со ограничена понуда и растечка побарувачка, пазарот на фстаци влегува во фаза на неизвесност, со реална можност за дополнително зголемување на цените во наредните месеци.
Глобалните пазари сè почесто реагираат на комбинација од политички ризици и потрошувачки трендови. Во случајот со фстаците, овие два фактори се споија во ист притисок – и последиците веќе се видливи на цените што ги плаќаат потрошувачите ширум светот.

