Доктор тврди: Џефри Епстин бил задавен, а не се самоубил во затвор

Патологот Мајкл Бејден бара повторна истрага за смртта на Џефри Епстин, тврдејќи дека наодите укажуваат на задушување, а не на самоубиство во затворот во Њујорк.

Американскиот милијардер и осудуван сексуален престапник Џефри Епстин не се самоубил во својата затворска ќелија, туку бил задавен, тврди докторот кој присуствувал на обдукцијата на неговото тело.

Патологот д-р Мајкл Бејден побара повторно испитување на причината за смртта, речиси седум години откако Епстин на 10 август 2019 година беше пронајден без свест во Metropolitan Correctional Center во Њујорк. Официјалниот заклучок на медицинскиот истражител тогаш беше дека станува збор за самоубиство додека чекал судење за обвиненија поврзани со трговија со луѓе и сексуална експлоатација.

„Моето мислење е дека смртта најверојатно настанала поради притисок и задушување, а не поради бесење“, изјави д-р Бејден, кој бил ангажиран како независен набљудувач од страна на семејството на Епстин, пренесе Daily Mail.

Иако лично не ја извршил обдукцијата, Бејден присуствувал при прегледот на телото и наведува дека уште тогаш имало сомнежи. „Во моментот кога беше направена обдукцијата, и јас и медицинскиот истражител се согласивме дека врз основа на достапните податоци се потребни дополнителни информации за точно да се утврди причината и начинот на смртта“, изјави тој.

Повторно се отвораат прашања за смртта на Епстин по објавувањето на повеќе од три милиони документи поврзани со случајот, кои неодамна ги објави Министерство за правда на САД. Меѓу нив има и досега необјавени снимки кои го прикажуваат моментот кога затворските чувари го пронашле телото.

Изјавите на д-р Бејден дополнително ги засилуваат сомнежите и теориите дека случајот со смртта на Џефри Епстин сè уште не е целосно расчистен и дека можеби ќе следи нова истрага.

Новообјавено видео од безбедносните камери прикажува силуета на затворски чувар како во 6:30 часот наутро, на денот на смртта на Џефри Епстин, се приближува до шалтер во близина на неговата ќелија. Само десет секунди подоцна, истата личност се упатува кон самата ќелија.

Нешто повеќе од една минута подоцна, на снимките се гледа како чуварот се движи напред-назад меѓу безбедносниот пункт и делот каде што се наоѓала ќелијата на Епстин, а набргу му се придружуваат уште двајца чувари. Потоа следуваат сцени на трчање меѓу двата дела од објектот. Епстин официјално е прогласен за мртов во 6:39 часот, со што ненадејно беше прекинат еден од најследените федерални кривични случаи во поновата американска историја.

Сепак, според новообјавените досиеја, истражителите забележале и „портокалова фигура“ која се движи по скалите кон катот каде што бил сместен Епстин, во ноќта пред неговата смрт. ФБИ и Канцеларијата на генералниот инспектор (OIG) при Министерство за правда на САД го означиле овој дел од видеото како сомнителен, со можност дека станувало збор за друг затвореник.

Во извештајот на OIG се наведува дека на 9 август 2019 година, во 22:39 часот, агентите забележале „портокалов блесок“ кој се движи кон повисокиот кат. Додека ФБИ претпоставувал дека се работи за затвореник, генералниот инспектор посочил дека затворениците биле во изолација и дека можно е некој да носел постелнина или ќебе.

Во светло на овие информации, патологот д-р Мајкл Бејден повторно инсистира на темелно испитување на причината за смртта. Во декември беше објавена цензурирана верзија од обдукцијата на Епстин, во која „начинот на смрт“ е означен како „во постапка“, а полињата за убиство и самоубиство се оставени празни. Според д-р Бејден, неговите професионални наоди од обдукцијата на 11 август 2019 година биле „неубедливи“.

Подоцна, тогашната главна медицинска истражителка на Њујорк, д-р Барбара Сампсон, донела заклучок дека смртта е самоубиство со бесење, иако, според Бејден, таа не присуствувала на самата обдукција. Тој тврди дека ваквата одлука била прифатена без дополнителна истрага, иако станувало збор за исклучително сомнителен случај.

Дополнителни сомнежи отвораат и пропустите во обезбедувањето на Metropolitan Correctional Center – не биле извршени редовните ноќни проверки, а неколку надзорни камери не функционирале. Поради тоа, истражителите никогаш не успеале да утврдат прецизна временска линија на последните моменти од животот на Епстин.

И денес, повеќе од пет години подоцна, точното време и вистинската причина за смртта на Џефри Епстин официјално остануваат неразјаснети, а новите документи и видеа повторно ја разгоруваат дебатата и сомнежите во јавноста.