Добила отказ бидејќи доаѓала порано на работа

Шпанска работничка доби отказ затоа што постојано доаѓала порано на работа. Судот пресуди: правилата важат за сите.

Неверојатно, но вистинито: млада работничка во Шпанија добила отказ затоа што постојано пристигнувала на работа 40 минути порано од дозволеното. Наместо пофалба за дисциплина, следувале опомени, а на крај и отказ.

22-годишната вработена работела во секторот за логистика и во изминатите две години редовно доаѓала пред официјалниот почеток на работното време, кое започнувало во 7:30 часот. Иако звучи апсурдно, таа била предупредена најмалку 19 пати, и усно и писмено, да престане со оваа пракса.

Работодавачот го оценил нејзиното однесување како сериозно прекршување на внатрешните прописи, нагласувајќи дека непочитувањето на утврденото работно време создава организациски и правни проблеми. Дополнително, компанијата ја обвинила и дека без дозвола продала користена батерија од службено возило, што дополнително ја влошило нејзината позиција.

Работничката поднела тужба пред судот во Аликанте, тврдејќи дека отказот е неправеден. Сепак, судот пресудил во корист на работодавачот, со образложение дека не станува збор за „прекумерна точност“, туку за упорно одбивање да се почитуваат правилата, што според член 54 од шпанскиот Закон за работни односи претставува сериозен прекршок.

Случајот предизвика жестока дебата во шпанската јавност. Дел од граѓаните сметаат дека одлуката е апсурдна, додека правните експерти потсетуваат дека правилата за работно време не се препорака, туку обврска. Останува можност работничката да поднесе жалба до Врховниот суд во Валенсија.