Димитар Апасиев: Породилно нема, а вие слободно раѓајте бебиња
Димитар Апасиев реагира дека за февруари нема исплатено породилно отсуство, потсетувајќи дека проблеми со доцнење на исплатите имало и претходно.
Пратеникот Димитар Апасиев утрово преку социјалните мрежи реагираше дека за месец февруари сè уште не е исплатен надоместокот за породилно отсуство. Со остар тон, тој ја обвини власта за неодговорност и ја повика јавноста самата да си постави прашање дали станува збор за неспособност или финансиски проблеми.
„ПОРОДИЛНО за мајките нема исплатено цел февруари! Дали сме банкрот, дали се неспособни, дали и двете? – тоа да си ја прашате министерката. Иначе, ПОРОДИЛНО НЕМА. А вие слободно раѓајте бебиња“, напиша Апасиев.
Ова не е првпат да се појави ваков проблем. Слична ситуација имаше и во ноември минатата година, кога беше објавено дека над 6.000 жени не го добиле навреме надоместокот за породилно отсуство. Тогаш од Фондот за здравствено осигурување информираа дека исплатата не е еднократна, туку континуиран процес кој трае во текот на целиот месец.
Според нивните појаснувања, најголемиот дел од исплатите се реализираат помеѓу 10-ти и 20-ти во месецот, но дел од предметите се обработуваат и до самиот крај. За октомври 2025 година биле обработени 6.268 предмети во износ од околу 340 милиони денари, додека во септември истата година биле исплатени 7.319 предмети со вкупен износ од 384 милиони денари.
Согласно Законот за работни односи и Законот за здравствено осигурување, работниците кои користат отсуство поради бременост, раѓање и родителство имаат право на надоместок на плата во висина од 100% од основицата. Средствата за овој надоместок се обезбедуваат од Буџетот на Република Македонија и се исплатуваат од првиот ден на отсуството.









