Денес никако не земајте остар предмет во раце

Свети Климент Анкирски се одбележува на 5 февруари. Народното верување вели дека на овој ден не треба да се користат ножеви и остри предмети, ниту да се работи тешка физичка работа.

Македонската православна црква и верниците на 5 февруари го одбележуваат споменот на Светиот свештеномаченик Климент Анкирски. Иако празникот не спаѓа меѓу големите црковни денови, со него се поврзани бројни народни верувања и обичаи кои со векови се почитуваат на овие простори.

Свети Климент е роден во 258 година во Анкира, од татко незнабожец и мајка христијанка. Неговата мајка Ефросинија, длабоко побожна жена, уште во раното детство му ја претскажала маченичката судбина. Таа починала кога Климент имал само 12 години, оставајќи го сам да го продолжи патот на верата, исполнет со страдања, но и со силна духовна истрајност.

Поголемиот дел од својот живот Свети Климент го поминал во затвори, изложен на сурови маки и понижувања поради христијанската вера. Токму поради тоа, во народот останал запаметен како симбол на жртва, трпение и непоколеблива вера.

Народни верувања и обичаи

Најпознатото народно верување поврзано со овој ден се однесува на избегнување на ножеви, ножици и други остри предмети. Според преданието, на овој ден не треба симболично да се „повредуваат“ раните на Свети Климент, кој бил врзуван и телесно мачен.

Затоа, домаќинките настојуваат сите работи што бараат сечење да ги завршат претходниот ден, а верниците избегнуваат активности што потсетуваат на неговото страдање.

Зошто не се работи тешка физички работа

Во народот се верува дека 5 февруари треба да се помине во мир и тишина. Се избегнува тежок физички труд, големо чистење на домот, дворот или имотот. Иако не е строг празник, се смета дека овој ден е наменет за духовна смиреност, семејно заедништво и молитва.

Се препорачува времето да се посвети на најблиските, на тивко сеќавање и почит кон животот и жртвата на светецот кој верата ја ставил над сопственото страдање.

Во црковната беседа што се чита на овој ден се истакнува духовната награда на мачениците, со пораката дека нивната жртва не е крај, туку премин кон вечниот живот – таму каде што нема болка, ниту страдање.