Бруклин Бекам ја шокира јавноста: „Брендот Бекам и совршеното семејство се лага“
Бруклин Бекам со емотивна исповед откри длабок семеен раздор, обвинувајќи дека „брендот Бекам“ е поважен од вистинските односи и емоции.
Бруклин Бекам, најстариот син на Дејвид и Викторија Бекам, предизвика вистински шок во светската јавност откако преку емотивна објава на Инстаграм јавно проговори за длабокиот семеен раздор кој, според него, трае со години. Во исповед објавена на шест страници, 26-годишниот готвач и претприемач откри дека повеќе не сака помирување со своето семејство и дека за првпат во животот застанал зад себе.
Во центарот на конфликтот, како што наведува, се тој и неговата сопруга, актерката и наследничка Никола Пелц. Поради нарушените односи, двојката во последниот период не присуствувала на ниту еден важен семеен настан, вклучувајќи го и 50-тиот роденден на Дејвид Бекам, како и објавата за неговото витешко одликување.
Бруклин истакнува дека со години молчел за да ја заштити приватноста на семејството, но дека неговите родители и нивниот ПР тим, според него, продолжиле да пласираат неточни информации во јавноста, што го натерало конечно да ја раскаже својата страна од приказната.
„Не сакам помирување. Не сум под ничија контрола – за првпат во животот стојам зад себе“, напиша тој.
Тој тврди дека израснал во средина во која лажниот сјај на социјалните мрежи, наместените семејни моменти и јавните настапи биле дел од секојдневието. Според него, зад сликата на совршено семејство се криеле манипулации и лажни односи.
Како клучен момент на прекин го наведува периодот околу подготовките за неговата свадба со Никола во 2022 година. Бруклин тврди дека неговите родители се обидувале да го нарушат нивниот однос, а како особено болно искуство го посочува однесувањето на неговата мајка за време на свадбата.
Тој открива дека наместо прв танц со сопругата, Викторија Бекам се искачила на бината и танцувала со него пред околу 500 гости, момент кој, како што вели, го понижил и него и Никола. Поради тоа, двојката подоцна ги обновила брачните завети без присуство на неговото семејство.
Во исповедта, Бруклин тврди и дека од него било побарано да потпише договор со кој би се откажал од правото на сопственото име, што би имало последици врз неговото семејство и идните деца. По одбивањето, односите, како што наведува, целосно се промениле.
Тој откри и зошто не присуствувале на роденденската прослава на неговиот татко. Според Бруклин, условот за средба бил Никола да не биде присутна, што за него било неприфатливо.
„Кај нив, имиџот е поважен од емоциите. Љубовта се мери со објави и камери. Брендот Бекам секогаш е на прво место“, напиша тој.
На крајот, Бруклин откри дека со години се борел со анксиозност, но дека внатрешниот мир го почувствувал дури откако се дистанцирал од семејството. Денес, како што вели, сака живот исполнет со мир, приватност и искрена среќа, далеку од јавниот притисок.
Според британските медиуми, односите се толку нарушени што комуникацијата со родителите се одвива исклучиво преку адвокати. Иако нема судски спор, јасно е дека семејниот јаз е длабок, а единствен контакт што го задржал се неговите баби и дедовци.










