Братот на Ивана сведочеше дека имало, закани, страв и контрола

Братот на Ивана сведочеше дека таа живеела во постојан страв поради закани со оружје, финансиски притисоци и контрола од сопругот, додека семејството се обидувало да ѝ помогне да излезе од ситуацијата.

Во продолжение на судскиот процес против Стојанче Јовановски, обвинет за сериозни кривични дела, денеска сведочеше братот на починатата Ивана, Александар Стојановски, кој изнесе низа тврдења за долгогодишни закани, притисоци и изолација.

Семејна поддршка и обиди за заштита

Според неговото сведочење, семејството континуирано ѝ давало поддршка на Ивана, нудејќи ѝ безбедно засолниште и финансиска помош. Тој истакна дека таа често се соочувала со економски проблеми, бидејќи сама ги покривала трошоците за домаќинството и кредитот за станот.

Во повеќе наврати, како што рече, му се обраќала за позајмици со цел да избегне блокирање на сметките, додека семејството се сомневало дека врз неа се врши дополнителен притисок.

“Во неколку наврати сестра ми се обрати до мене да ѝ позајмам пари зашто не можела да ги доисплати, се плашеше дека ќе ѝ ја блокираат сметката. Во еден момент ми побара 5-6 илјади денари. Веднаш ѝ ги префрлив за да не ѝ ја блокираат сметката и да продолжи со кредитот. На крајот на декември сестра ми ми се обрати да ѝ позајмам 1.400 евра поради тоа што ѝ биле потребни за плаќање на некој извршител или казна што стигнала до неа. Ѝ реков дека нема никаков проблем, но сакав да бидам сигурен дека средствата ќе бидат потрошени за тоа, зашто немавме веќе доверба ни јас ни семејството дека тие пари ќе бидат искористени за тоа, а не дека е уценета или дека Стојанче ѝ бара пари. Откако ѝ ги дадов средствата на Ивана, две до три недели континуирано ја прашував што се случува и дали го уплатила тоа за да бидам сигурен,  зашто најмногу страв ни беше мене и мајка ми, дека во тој момент тие средства би можеле да се искористат за адвокат за Стојанче во случајот каде беше фатен со дрога. До последно не добив потврда или налог дека средствата се уплатени и во неколку моменти ги побарав парите назад за јас да ги уплатам и мене да ми го пратат налогот. ”

Закани и страв за безбедноста

Сведокот посочи дека Ивана му се доверила за сериозни закани, вклучително и дека обвинетиот ѝ се заканувал со пиштол и ѝ создавал чувство на постојана несигурност. Таа, според неговите зборови, стравувала и за безбедноста на своето дете.

Тој додаде дека во еден период Ивана покажувала пораки со заканувачка содржина и била решена да ги пријави, но ситуацијата дополнително се комплицирала.

“Како брат осетив потреба да го продолжам тоа со адвокатот што го почна татко ми. Повторно се активираше разводот, а Катја и Ивана останаа во станот на мајка ми. Ивана неколку пати ни кажа дека ѝ се заканувал со станот дека ќе ја избрка, а Катја ќе ѝ ја земел, така се заканувал. Побарал 30 илјади евра за да го исплати, да ѝ го даде станот и да си оди. Сестра ми побара да ѝ помогнам. Се согласив и реков дека тоа можеме полека да го решиме, но мораме да бидеме сигурни дека нема да биде таа измамена, парите само да ѝ се земат и ништо да не се случи понатаму, тврди тој.

Изолација и контрола

Според сведочењето, по стапувањето во брак, Ивана постепено се оддалечила од блиските, престанала со редовна комуникација и се повлекла од социјалните мрежи. Братот смета дека тоа било резултат на контрола и следење од страна на сопругот.

Дополнително, тој изрази сомнеж дека во одредени моменти нејзината комуникација преку пораки била под туѓо влијание.

“За Василица и морав итно да ја вратам дома зашто Ивана беше исплашена да не се врати Стојанче дома и да види дека ги нема. Истиот ден, можеби не поминаа ни 30 минути, првпат мене ми се јави Стојанче и почна да ми се дере. Почна да се заканува по мене сестра ми и мајка ми и дека ќе ни го запали нашиот имот. Не одговорив на провокациите. Имав голем страв и за Ивана и за мајка ми и за мене. Се обидов да му кажам дека не разговарам со мојата сестра за да не направи нешто од кое сите се плашевме, дека може да ја повреди. Реков, ако имаш било што јави ми се, во било кој момент. Оттогаш се намали комуникацијата со мојата сестра на социјални мрежи, но физички комунициравме. Ја прекинавме оставинската постапка зашто сфативме дека со нејзиниот дел што ќе ѝ припадне може да располага некој друг. Вратата на станот каде што живеат мајка ми и татко ми во секој момент беше отворена за неа и за останатите деца ако имаме проблем да се вратиме дома, рече Стојановски.

Настани што ја промениле ситуацијата

Како пресвртна точка беше посочен настан од 2025 година, кога, според сведокот, Ивана и детето биле оставени покрај автопат. По тој инцидент, таа се вратила кај родителите и започнала постапка за развод.

Сепак, подоцна повторно се вратила во заедничкиот дом, што, според братот, не било доброволна одлука, туку резултат на притисоци и закани.

“Кога се случи тоа на автопатот во Штип, летото 2025 година, дента се враќав од одмор и наредниот ден дознав. Веднаш потоа сестра ми се врати кај мајка ми и татко ми заедно со Катја. Тогаш почна да ги кажува работите што се случувале во тој период. Тогаш е првиот момент каде сестра ми се отвори и ми се довери дека има сериозни проблеми и дека има потреба од помош за да ги решиме. Во тој момент татко ми ангажираше адвокат за да почне бракоразводна постапка и Ивана и Катја да бидат кај нас, поточно кај мајка ми и татко ми дома. Ивана ми се довери во тој момент за неколку проблеми. Првиот проблем е за нејзиниот стан. Дека таа се сомнева дека обвинетиот има направено фалсификат и дека без нејзина согласност на нотар е префрлен станот на негово име. Ова го знае и самиот адвокат што беше ангажиран од мојот татко за да ја спроведе постапката. Ивана кажа дека има доказ за такво нешто, дека е во нејзиниот телефон и дека ќе му го префрли на адвокатот. Но тоа не се случи. ”

Финансиски притисоци и имотни прашања

Сведокот говореше и за наводни барања за значителни суми пари поврзани со станот, како и за сомнежи околу сопственоста на имотот. Според него, Ивана изразила страв дека може да биде измамена или лишена од својот имот.

Исто така, посочи дека по одредени настани поврзани со обвинетиот, се појавил интерес за возило од оставинска постапка, што кај него предизвикало дополнителни сомнежи.

“За првпат напишав порака до неа во која беше вклучен Стојанче. поради тоа што во порака стоеше дека „и колата треба да ја земе Ивана или да ја поделиме“ и дека многу им треба. Тогаш сфатив дека пишувам со некој друг, а не со сестра ми. Напишав, во ред, само да завршиме со процесот, ама возилото никогаш нема да го вози Стојанче. Премногу сомнително ми дојде ова, бидејќи до Нова година, кога го приведоа за дрога и кога му го конфискуваа возилото, никогаш возилото на татко ми не беше предмет на никаква дискусија или потреба „на мојата сестра“. Мојата внука секогаш ја возеше или со такси или со тротинет, а во неколку случаи сум ја возел и јас кога требаше да ја земам.”

Закани кон семејството

Братот изјави дека во еден момент добил телефонски повик со закани упатени кон него и неговото семејство. И покрај тоа, како што рече, не ги пријавил, со цел да не ја влоши ситуацијата.

Текот на постапката

Судењето продолжува со нови сведочења и докази, кои треба да помогнат во утврдување на сите околности поврзани со случајот.