Андоновски: Забраната на социјалните мрежи за деца и млади би била радикален чекор

Министерот за дигитална трансформација Стефан Андоновски изјави дека Владата не размислува за забрана на социјалните мрежи за деца и млади, оценувајќи дека тоа би било премногу радикално и би можело да ги наруши основните слободи.

Министерот за дигитална трансформација, Стефан Андоновски, изјави дека Владата во моментов не размислува за воведување забрана на социјалните мрежи за деца и млади, нагласувајќи дека таквата мерка би била премногу радикална.

Одговарајќи на новинарско прашање, Андоновски посочи дека државата треба внимателно да пристапува кон ограничувања што се однесуваат на користење на дигитални алатки.

„Премногу е радикално кога државата се одлучува на чекор да забрани некоја алатка, бидејќи доколку би тргнале да се движиме во таа насока, тогаш можеме да стигнеме и до нарушување на правото на слободен избор и на слободен говор“, изјави министерот.

Изјавата доаѓа во период кога повеќе држави низ светот воведуваат или разгледуваат можности за ограничување на пристапот до социјалните мрежи за малолетници, со цел заштита од потенцијални штетни содржини.

Сепак, Андоновски нагласи дека Владата и Министерството остануваат отворени за дебата доколку се појави иницијатива за уредување на ова прашање, потенцирајќи дека секоја одлука мора да биде внимателно анализирана и во согласност со законските и уставните принципи