Никој не признава вина за трагедијата во „Пулс“
Сите 37 обвинети во случајот „Пулс“ се изјаснија за невини, додека процесот продолжува со воведни излагања.
Главната расправа за случајот „Пулс“ продолжи со едногласно негирање вина од сите 37 обвинети – 34 физички и три правни лица. На обвинителната клупа седат сопственици, управители, инспектори, поранешни градоначалници, обезбедување, државни службеници и компании, сите товарени за тешки дела против општата сигурност и пропусти кои, според обвинението, директно довеле до трагичниот настан.
Првообвинетиот Дејан Јованов, неговиот син Михаил и братот Тодор, категорично изјавија дека не се чувствуваат виновни. Истото го направија и останатите обвинети, од кои дел упатија сочувство до семејствата на загинатите, а дел тврдеа дека обвинението е селективно, политички мотивирано или дека воопшто немале надлежност и влијание врз безбедносните пропусти.
Некои од нив нагласија дека во критичните моменти помагале над три часа, ризикувале животи и биле затекнати во објектот. Други сметаат дека се неоправдано вклучени во процесот само за „да се пополни бројка“. Пензионирани службеници дури тврдеа дека нивната евентуална одговорност е одамна застарена.
Три правни лица – ММММ Кафе ДООЕЛ, Рубикон Секјурити и Венци Проект – исто така не го признаа обвинението.
Сепак, и покрај тежината на случајот, денешното рочиште помина со значително намален интерес на јавноста и медиумите. За разлика од првиот ден, присутни беа само десетина редакции, семејствата на жртвите и претставници на ОБСЕ.
Паралелно со главниот процес, се води уште една постапка против полициски службеници осомничени за лажни уверувања, дозволување работа без исполнети техничко-безбедносни услови и пропусти во надзорот. Дополнително, минатата недела Обвинителството отвори нов случај против група вработени во УЈП, осомничени за мито и злоупотреби поврзани со истиот објект.
Случајот го води судечки совет со претседател судијката Диана Груевска Илиевска, а процесот ветува долга и сложена правна битка во која секоја страна ќе се обиде да ја наметне својата верзија на одговорноста и пропустите што доведоа до трагедијата.





