Трето судење за „Пулс“
Судењето за трагедијата во „Пулс“ влегува во трет обид за воведни зборови по нови административни застои.
Судењето за трагедијата во дискотеката „Пулс“, каде што животот го загубија 63 лица, а околу 200 беа повредени, денеска продолжува со третото рочиште. Иако календарскиот план предвидуваше одбраната уште минатата недела да ги даде воведните излагања, постапката повторно се одложи поради административни пропусти. Адвокатите бараа интегрираниот обвинителен акт да им биде официјално доставен и на обвинетите, а не само на бранителите, укажувајќи дека не е нивна обврска да заменуваат судски доставувачи.
Судијката Диана Груевска Илиевска го прифати барањето и остави рок од шест дена за целосна достава на обвинителниот материјал. Но ова не беше единствената точка што ја закочи постапката. На претходното рочиште, судот побара оштетените да се изјаснат за своите побарувања, но процесот повторно запре – дел од оштетените немаа регистрирани адреси, ниту контакт-мејлови.
Поради тоа, судијката наложи дополнителна листа со контакти на сите оштетени и најави дека во истиот шестдневен рок ќе бидат испратени известувања до сите кои треба да се појават и да го формализираат своето барање за оштета. Намерата за динамика од две рочишта неделно за сега останува само на ниво на план, бидејќи недоставените обвиненија и непотполната документација повторно доведоа до одложување.
Во процесот за трагедијата во „Пулс“ обвинети се 35 физички и три правни лица. Судењето започна на 19 ноември, а воведните зборови на одбраната – и по трет пат – треба да започнат денеска.





