30 дена притвор за двајца Кумановци: Го нападнале сопственикот на гостилница откако им било одбиено да пијат алкохол
Двајца кумановци добија 30 дена притвор откако физички го нападнале сопственикот на гостилница кој одбил да им дозволи консумирање алкохол по полноќ.
Двајца жители на Куманово добија мерка притвор во траење од 30 дена поради сомнение дека заеднички извршиле кривично дело насилство. Основното јавно обвинителство Куманово поведе истражна постапка против осомничените, кои се товарат за насилничко однесување согласно Кривичниот законик.
Инцидентот се случил на 18 јануари, по 1 часот по полноќ, кога осомничените се обиделе да влезат во угостителски објект кој веќе бил затворен. Тие имале намера и по завршувањето на работното време да консумираат алкохол, но сопственикот на гостилницата одбил да им дозволи влез.
По одбивањето, двајцата започнале агресивно и насилничко однесување во дворот на објектот, при што физички го нападнале сопственикот. Му нанеле повеќе удари по главата и телото, го собориле на земја и му предизвикале тешки телесни повреди, меѓу кои скршеница на десната рака и повреда на увото.
Со своите постапки, осомничените предизвикале чувство на страв и несигурност и кај други лица кои во тој момент се наоѓале во близина на угостителскиот објект.
Јавниот обвинител доставил предлог до судијата на претходна постапка при Основниот суд во Куманово за определување мерка притвор. Судот го прифатил предлогот и им изрекол притвор од по 30 дена на двајцата осомничени.







